Бесплатен паркинг за крводарители за време на дарување крв и поволнисти за паркирање на приватните специјализанти

Директорот на ЈП „Градски паркинг“- Скопје, Бојан Христовски на денешната седница на Советот на Град Скопје го поздрави ставањето на предлог одлуката на дневниот ред на седницата, со која ќе се овозможи бесплатен паркинг на крводарителите на јавните паркиралишата со кои стопанисува претпријатието, како и воведување на поволност за издавање месечна дозвола за паркирање на приватните специјализанти по 400 денари месечно. Со тоа, приватните специјализанти ќе ги имаат истите привелегии како и сите останати вработени на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Директорот Христовски истакна дека денешната седница на Советот на Град Скопје е од исклучително значење за него бидејќи денеска имаме можност и чест да даруваме и да помагаме како што тоа за сите нас го прават хуманите луѓе во државата. „Градски паркинг“- Скопје, со поддршка од градоначалникот на Град Скопје, но и со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ценејќи ги вредностите на хуманите луѓе кои даруваат крв, одлучи да даде свој придонес со тоа што донесе одлука со која би се овозможил бесплатен паркинг на крводарителите за време на дарување крв. Бесплатниот паркинг се однесува на сите јавни паркиралишта со кои стопанисува претпријатието (паркиралишта со рампа), со посебен акцент на паркингот на комплексот Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и болницата „8 Септември“, бидејќи најголем дел од барањата на крводарителите се однесуваат на тие две паркиралишта. Цениме дека со овој наш гест им се дава посебно општествено признание на хуманите лиѓе бидејќи тие се важни за сите нас, од причина што тие се грижат за сите со доброволно дарување крв, додаде Христовски.

Во однос на поволностите за цената за паркирање во комплексот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за приватните специјализанти кои се на школување и работата во Клиничкиот центар, Христовски истакна дека денешната предлог одлука, содржи поволност за нив, а тоа е месечна дозвола на износ од 400 денари, што е исто како останатите вработени во клиничкиот центар и државни специјализанти.

 Видео запис